Многу луѓе велат дека ги чувствуваат временските промени. Главоболки, замор, промени во расположението, болки во зглобови и многу често-повисок крвен притисок. Често пациентите ни велат: Докторе, знаев дека времето ќе се промени.”

Но дали е ова вистина или е чиста коинциденција?

Вистината е дека метеоролошките промени може да влијаат на телото повеќе отколку што ние мислиме.

Кога температурите надвор паѓаат, крвните садови се стегаат. Ова е природна реакција на телото да ја сочува телесната температура, но исто така го оптеретува срцето да работи повеќе. Во периодите кога има нагли промени во атмосферскиот притисок и влажноста на воздухот настануваат промени во автономниот нервен систем и тонусот на крвните садови. Крвните садови може да се стегнат, работата на срцето се зголемува заради зголемен отпор и крвниот притисок расте.

Кој е најподложен на промените на времето?

  • Пациенти со веќе покачен крвен притисок
  • Повозрасни пациенти
  • Пациенти со срцеви проблеми
  • Луѓе подложени на хроничен стрес

Кога е топло, се случува токму обратното. Крвните садови се шират, крвниот притисок паѓа, некои чувствуваат омалаксаност или вртоглавици. Исто така и дехидратацијата во летниот период влијае на крвниот притисок.

Што да превземете?

Во вакви моменти важна е контролата, не треба да се плашите.

  • Мерете го редовно крвниот притисок
  • Земете ја терапијата онака како што Ви е препишана
  • Пијте доволно течности и избегнувајте дополнителен напор.

Не ја менувајте терапијата сами без консултација со лекар.

Доколку измерите многу високи вредности на крвниот притисок или имате градна болка, губиток на здив или силни главоболки, контактирајте го Вашиот лекар.

Времето можеби е нестабилно, но Вашата терапија и навики треба да се стабилни.

👉 Закажете кардиолошки преглед овде