Медицината во полето на кардиологијата напредува со голема брзина. Напредокот во артефициелната интелигенција (АИ), роботските интервенции и персонализираната медицина се трансформираат во начинот на дијагностиката, третманот и превенцијата на кардиоваскуларните заболувања. Она што некогаш изгледаше футуристички, станува клиничка реалност.
1. Артефициелна интелигенција (АИ): Нов дијагностички партнер
АИ со својот брз напредок станува повеќе од тренд. Машините учат алгоритми кои сега се способни да читаат електрокардиограми (ЕКГ), ехокардиограми (улратразвук на срце), компјутерски скенови и магнетна резонанца со поголема прецизност.
- Рана детекција на аритмии: ЕКГ уреди за носење и паметни часовници опремени со АИ може да детектираат аритмии кај индивидуи кои немаат симптоми, што помага за навремено поставување на дијагноза и превземање на мерки.
- Интерпретација на ехо: Ултразвучните апарати во последно време се опремени со АИ технологија што му помага на лекарот за подобро толкување на снимката и детектирање на промени кои човечкото око некогаш тешко може да ги открие.
- Модели за предвидување на ризик: Со процесирање на повеќе податоци од пациентите АИ може да открие индивидуи со висок кардиоваскуларен ризик порано од традиционалните методи.
2. Роботика и минимално инвазивни интервенции
Роботски асистираните процедури ја олеснуваат интервентната кардиологија. Тие овозможуваат напредна прецизност, стабилност и намалена изложеност на радиоактивно зрачење.
- Перкутани коронарни интервенции: Роботската технологија помага стентот да се воведе во крвните садови на срцето со милиметарска презицност.
- Електрофизиологија (наука за аритмии): Роботски контролираната навигација ги подобрува процедурите за третман на аритмиите, зголемувајќи го бројот на успешни интервенции и безбедност.
- Интервенции врз структурата на срцето: Роботските системи допрва се усовршуваат со цел подобрување на интервенции како што се поставување на вештачки валвули преку крвен сад или корекција на комплексни вродени срцеви аномалии.
Како што напредува технологијата, процедурите стануваат побрзи, побезбедни и подостапни за повеќе пациенти-дури и интервенциите со далечинско управување.
3. Персонализирана или геномска медицина
Генетските тестирања овозможуваат индивидуален и уникатен пристап за секој пациент.
- Генетските тестирања ги откриваат наследните аритмии, заболувања на срцевиот мускул и болести на холестеролот што помага за рано лекување.
- Фармакогеномиката помага да се предвиди дали одредени лекови за разредување на крвта делуваат кај пациентот со цел спречување на мозочен или срцев удар.
- Сега има таргетирани терапии за одредени генетски мутации кои даваат надеж за третирање на болести кои во минатото беа неизлечиви.
Овој индивидуализиран пристап ветува оптимизација на исходот и намалување на беспотребни третмани.
4. Телемедицина/телекардиологија и далечинско управување
Во ерата на Ковид пандемијата се зголеми потребата од телемедицина, така што ниту кардиологијата не беше исклучок. Консултациите на далечина, виртуелното следење на пациентите и уредите за следење од далечина им овозможуваат на лекарите поефикасно да ги следат хроничните состојби на пациентите-без разлика на тоа каде се наоѓа пациентот во моментот.
Пациентите со срцева слабост, аритмии или следењето по одредени срцеви интервенции може безбедно да се следи од дома со што се намалува бројот на хоспитализацииа и се подобрува квалитетот на живот.
Патот пред нас
Иднината на кардиологијата е во комбинирање на напредната технологија со човечката експертиза. Додека АИ и роботиката напредуваат, улогата на кардиологот останува незаменлива: овозможува правилно расудување, емпатија и индивидуална грижа за пациентот. Се движиме кон свет каде кардиоваскуларните заболувања се откриваат рано, се третираат попрецизно и поефикасно од секогаш.
Подготвил, Др. Маја Врчаковска
