Вашето срце чука повеќе од 100.000 пати дневно, вообичаено во нормален ритам. Но кај атријалната фибрилација (АФ), најчестата аритмија кај возрасни, срцевите импулси стануваат хаотични. Неправилната работа на срцето се чувствува како “треперење”, “срцебиење”, омалаксаност, замор особено при напор, нестабилност, отежнато дишење, нелагода во градите, или дури во голем процент може и да не ја чувствуваме. 

Иако атријалната фибрилација сама по себе не е во моментот животозагрозувачка, игнорирајќи ја може да доведе до сериозни компликации како мозочен удар, срцева слабост и намален квалитет на живот.

Што е атријална фибрилација?
Атријалната фибрилација се јавува кога горните шуплини на срцето чукаат брзо и неправилно и ја губат способноста да ја исфрлат комплетно крвта во другите делови на срцето нанапред. Па така, способноста на срцето да пумпа се намалува и при тоа треперење на срцето може да настане згрутчување на крвта и мозочен удар.

Оваа аритмија (АФ) може да настане ненадејно, да трае од неколку минути до неколку часови. Може да трае подолго време, со денови, недели, па и месеци и потоа да се врати во нормален ритам, а може да трае и доживотно.

Зошто АФ не треба да се игнорира?
АФ е повеќе од само “неправилен ритам”. 

  • Носи 5 пати поголем ризик од мозочен удар особено доколку трае повеќе од 48 часа. АФ е одговорна за 1 од 5 случаи на мозочен удар кој често е тежок и го оневозможува самостојното живеење.
  • Зголемен е ризикот за срцева слабост-срцево попуштање зашто неправилнот ритам го слабее срцевиот мускул.
  • Намален квалитет на живот. Се јавуваат треперење во градите, глад за воздух, анксиозност кои влијаат на секојдневните активности.

Со возраста се зголемува ризикот од АФ. 

  • АФ е најчеста на возраст >65 години, но може да засегне и помлади луѓе.

Раното откривање и лекување се клучни за превенција на овие компликации.

Кај некои луѓе, за жал АФ се открива после прележан мозочен удар или пак на рутински електрокардиограм (ЕКГ) што докажува колку е важен скринингот.

Дијагноза
АФ се открива со:

  • ЕКГ-златен стандард
  • Холтер за ритамот на срцето (особено за откривање на повремени пристапи на аритмијата)
  • Ехокардиографија (ултразвучен преглед на срце) – за проценка на функцијата на срцето и неговата структура
  • Крвни анализи (болести на тироидната жлезда, дисбаланс во електролитите во крвта).

Третман
Третманот вклучува две главни цели:

  1. Превенција од мозочен удар со терапија за разредување на крвта (антикоагулантна терапија).
  2. Контрола на ритамот или пулсот на срцето (терапија за ритамот на срцето, терапија со електрошокови или процедури како катетер аблација).

Важен дел од лекувањето и превенцијата од АФ се промени во животниот стил (контрола на крвниот притисок, третман на ноќните апнеи-прекини во дишење, намален внес на алкохол, намалување на телесна тежина).

Модерни начини на откривање и лекување-повеќе опции, подобар исход. 
Мониторингот на далечина и паметните часовници и апликации на мобилните телефони може да ја детектираат АФ многу порано, дури уште пред појава на симптомите.

Запомнете:
Атријалната фибрилација е честа, но не и безопасна. Препознавањето на симптомите, поставување на точна дијагноза и започнување на соодветен третман може значително да го намали ризикот од мозочен удар и да го подобри квалитетот на живот. 

👉 Доколку почувствувате треперење во градите, неправилен ритам на срцето или необјаснив замор, не ги игнорирајте. Раната проценка кај кардиолог може да направи огромна разлика.